Тренерот на Работнички, Марин Докузовски по мечот со Парма истакна дека од тимот си заминуваат Дарко Чохадаревиќ и Кори Луциус. И на двајцата кошаркари им истекува едномесечниот договор, па сега екс-селекторот на македонската репрезентација е во потрага по играчи кои ќе го завземат нивното место, но вели дека треба да се пополни уште некоја позиција за ростерот да биде комплетиран во пресрет на почетокот на домашното првенство.
„Правевме доста екперименти во текот на претсезонските подготовки, потпишавме краткорочни договори со двајца странски кошаркари, тоа се Дарко Чохадаревиќ и Кори Луциус. Со Чохадаревиќ се разделуваме по овој меч, додека со Луциус, кој денеска не настапи, најверојатно ќе се случи истото. Домашното првенство е долга кампања, а ние засега знаеме каде ни недостасува квалитет, па ќе се обидеме да го пополниме тој недостаток. Очигледно е дека ни недостига уште еден квалитетен организатор на игра, на центарската позиција ни недостасуваат најмалку двајца добри центри, објективно кажано на таа позиција сме најкратки. Што се однесува за останатите двајца странци, Чавдар Костов и Маркус Гинјард засега ги оправдуваат очекувањата“, истакна Докузовски.
Разликата во квалитетот меѓу Работнички и Парма е огромна, но Докузовски смета дека неговите кошаркари беа рамноправни се додека имаа сили. Иако може да се извадат позитивни работи од овој пораз, Докузовски смета дека ги очекува доста работа пред почетокот на новата сезона.
„Парма сосема заслужено продолжува со настапите во Еврокупот. Тие се далеку поквалитетна екипа од нас, но ние бевме рамноправен противник додека имавме сили. Сепак, на теренот бевме без Кори Луциус, па имавме пократка клупа што не спречи да го одржуваме ритамот, за разлика од гостинскиот тим кој во Скопје пристигна речиси во комплетен состав. Од некои моменти од средбата можам да бидам задоволен, но недозволиво е да за три минути противникот да направи 15 разлика, голема екипа не смее да си дозволи толку лесно да прими кошеви. Јасно е дека не очекува доста работа во следниот период“, изјави Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА