Тренерот на Работнички, Марин Докузовски беше задоволен од прикажаната игра на своите избраници кои го победија МЗТ Скопје со 78-70 во „Градски парк“. Во полната сала пред навивачите на Работнички падна и вториот претставник во Јадранската лига, откако во минатото коло загуби Карпош соколи. Докузовски беше среќен што градското дерби го враќа својот стар лик, неговиот тим беше поддржуван од своите љубители без да бидат предизвикани посериозни инциденти.
„Прво ме радува што имаше публика и мило ми е што немаше инциденти. На ова дерби му недостигаше ваква прекрасна атмосфера, мило ми е што ги привлековме љубителите на кошарката да дојдат и да присуствуваат на одличниот натпревар. Секогаш кога играат овие две екипи е посебен ден, без разлика на позицијата на табелата, се игра за престиж, па убаво е да се победи МЗТ, кој денеска ја имаше фаворитската улога. Ние имавме поголема желба за победа, тоа се виде на теренот, имавме и контрола на мечот уште од старт, па мислам дека сосема заслуживме да победиме. Ги искористивме нивните грешки и слабости, погодивме важни поени, па после беше важно да ја одржиме разликата. Се плашев мојот тим да не изгуби на кондиција, па затоа во првото полувреме правев повеќе ротации со младите играчи. Тоа се покажа како добар потег, бидејќи во завршницата моите играчи одиграа многу мудро. Многу пати МЗТ победувале кога ние сме играле подобро, некогаш ние сме победувале кога не сме заслужувале, но денеска бевме перфектни и во одбраната и во нападот“ – изјави Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА