Рабтнички во голем стил се рехабилитираше од убедливиот пораз во Гевгелија во вторникот, па вечерва го декласираше составот на Блокотехна со убедливи 91-73, за водство од 2-1 во полуфиналната серија. Tренерот на тимот од „Градски Парк“ Марин Докузовски вели дека иако е тренер долго време, само вторпат во кариерата му се случува во три дена прво да загуби дваесет поени, па да победи против исти противник.
„Многу години сум тренер, ми се случило на почеток на кариера да изгубам 20 поени нагости, а дома потоа да добијам со истата разлика. Сега тоа ми се случува вторпат и не можам да го објаснам. Трипати во Гевгелија даваме само по 60 поени, а во кога ќе дојдеме во Скопје по 90. Во натпреварот влеговме помотивирани и мислам дека заслужено победивме“, вели Докузовски.
Сепак, искусниот стратег смета и покрја убедливата победа серијата не е решена, а тоа што имаат најмал ростер од клубовите воопшто не им помага во ситуација кога се играат натпревари на секои два дена.
„Иако победивме ништо не е завршено играме во недела, а бидејќи имаме мал ростер згуснатиот распоред воопште не ни оди од корист. Секој тренер сака што побрзо да ја затвори серијата, но тоа не е така едноставно. Блокотехна игра многу подобро на домашен терен. Во недела ќе биде многу потешко, но јас се надевам дека моите кошаркари ја научија лекцијата од минатиот меч и дека ќе промениме нешто во пристапот“, заврши Докузовски.
Четвртиот натпревар од полуфиналната серија меѓу Блокотехна и Работнички на програмата е во недела во Гевгелија со почеток во 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

