Марин Докузовски беше задоволен од изданието на своите кошаркари се до самиот финиш на третата четвртина, кога Работнички загуби здив и потоа до самиот финиш не успеа да му парира на МЗТ Скопје. Воедно, тренерот на Работнички откри и дека Ѓорѓи Чековски ја обновил старата повреда, а токму по неговото напуштање на теренот дојде до големиот пад во играта на „црвено-белите“.
„Честитки до тимот на МЗТ Скопје за прикажаната игра и заслужената победа. Мислам дека ние се прикажавме во добро светло додека имавме сила, но за жал не можевме да го издржиме темпото во сите 40 минути. Згора на тоа, во третиот период останавме без Чековски, кој ја обнови старата повреда на мускулот и потоа не можеше да продолжи. Ситуацијата е таква каква што е, видовме дека овие млади кошаркари сепак не се дораснати за вакви дерби натпревари, но ние не отстапуваме од она што го имаме зацртано како клупска стратегија. Продолжуваме со работа, мислам дека за нас ќе биде голем успех ако се пласираме во Топ 4 и обезбедиме учество во плејофот“ – изјави Докузовски.
Работнички по првите три кола во Супер-лигата има една победа (на домашен терен со Куманово) и два порази (на гостувањата против Карпош соколи и МЗТ Скопје).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА