Тренерот на Работнички Марин Докузовски вели дека долго време не се одиграло вакво дерби, со борбен карактер, па е среќен што неговите кошаркари одиграа максимално според договореното. Секако, триумфот е најзначајниот фактор за неговата насмевка.
„Мислам дека беше борбен натпревар, на вакво дерби долго време не сме биле сведоци. МЗТ реално има многу поголем број на квалитетни играчи, па можат да манипулираат со ротацијата, додека ние имаме проблем со измените, а и со паузата, меѓутоа притисокот беше на страната на МЗТ. Моите играчи го одработија сето она што го имавме договорено, сметам дека можевме да примиме и помалку кошеви доколку не ги направивме тие неколку глупости. Ме изненадија моите играчи што успеаја физички да го издржат овој дуел. Можевте да видите и самите, МЗТ правеше измени со 10 играчи, а ние се боревме со тоа што го имаме. Се примети тоа во првото полувреме кога и да направевме мала предност, ќе направев измена и таа предност веднаш ја губевме. Тие играчи кои ми се за измена се уште не се дораснати за ваков натпревар“, изјави Докузовски.
И покрај тоа што новото засилување Кире Николовски не е долго време со тимот на Работнички, Докузовски е задоволен од неговиот настап особено што во неколку наврати неговите реализации се покажаа како клучни.
„Се примети дека Николовски се уште не е воигран со екипата, меѓутоа неговите реализаторски способности денеска дојдоа до израз и во неколку клучни моменти поентираше. Кај него гледам уште простор за напредок и во одбраната и во нападот, но за сето тоа е потребно време“, додаде Докузовски.
Работнички и по осум натпревари во домашното првенство се уште го одржува максималниот учинок, а Докузовски посочи дека од неговиот тим секогаш се очекува победа.
„Од Работнички секогаш се очекува победа, без разлика дали имаме составено добар или лош тим. Се останато не важи, така што мора да одиме на победа на секој натпревар“, заврши Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА