Марин Докузовски не го криеше задоволството по најновата победа над МЗТ Скопје, овојпат изразена со преубедливи 18 поени разлика (92-74). Трофејниот стручњак сепак потенцираше дека конечната разлика не е реална за случувањата на теренот, со оглед на фактот дека актуелниот првак три четвртини извонредно парираше, па во последниот период влезе и со предност.
„Овој дуел со МЗТ Скопје немаше преголемо резултатско значење бидејќи првото место ни беше речиси осигурано, но јасно е дека секоја дерби пресметка има своја тежина и затоа сум задоволен што одговоривме на предизвикот и покажавме карактер. Резултатот дефинитивно не е реален на случувањата на теренот, со оглед на фактот дека речиси цел меч мина во израмнета игра се до самиот финиш кога ја направивме разликата. Во првото полувреме шутот повеќе го служеше МЗТ Скопје, но пред крајот тоа се промени. Мислам дека решавачка беше свежината во нашата игра, во текот на целиот меч повеќе го ротирав тимот од вообичаено, па клучните кошаркари останаа свежи за да одиграат најдобро токму кога беше најзначајно. Радосни сме поради победата, но знаеме дека вистинските предизвици допрва ќе следат“ – изјави Марин Докузовски веднаш по натпреварот во Гостивар.
Следен предизвик за Работнички ќе биде гостувањето во Гевгелија против Блокотехна, дуел на двете првопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА