Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, по триумфот над Гостивар посочи дека искуството и квалитетот на екипата го решија победникот на мечот. Предводникот на „центарци“ е задоволен од играта на своите кошаркари, пособно од тоа што го прикажаа на дефанзивен план.
„Сериозно го сфативме предизвикот уште на стартот, бидејќи Гостивар е солидна екипа, тоа го покажа и против МЗТ пред неколку дена. Сметам дека игравме одлично, пред се во одбраната, веднаш презедовме контрола и заслужено победивме. Гостиварци се обидоа да ја стегнат одбраната играјќи зона, но ние бевме подготевни и за тоа. Објективно гледано, ние имаме поквалитетни играчи од нив, меѓутоа добро се познаваме меѓусебе, па сепак тука одлучи и искуството“, истакна Докузовски по натпреварот.
Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, по поразот во „Градски парк“ не може да биде задоволен од играта на своите играчи, особено на стартот од средбата кога Гостивар веднаш се најде во двоцифрена негатива. Србиновски вели дека овој пораз е како шлаканица за неговите кошаркари, односно лекција од која во иднина ќе имаат што да научат.
„После победата со МЗТ мислевме дека сме екипа која ќе се појави на терен и ќе победи на секој меч. Меѓутоа знаевме дека против Работнички ќе биде тешко, тие моментално се најквалитетниот состав во лигата, се уште се без пораз. Ние го започнавме мечот во грч, за мене тоа беше несфатливо. Уште во воведните минути Работнички направи голема разлика, ние 30 минути се обидувавме да се вратиме во игра, но неуспешно. Сепак, сметам дека овој пораз е добра шлаканица за нас, од ова ќе научиме дека кошарка се игра цели 40 минути, и дека треба да се даде максимумот, ако не и повеќе, ако сакаме да победуваме на секој натрпвар. Ние сме таква екипа, ако вложиме максимум можеме да победиме секого, меѓутоа со овој пораз ќе научиме како треба да се справиме во вакви ситуации“, вели Србиновски по мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА