Драмата која ја приредија екипите на Гостивар и Работнички заврши во корист на гостите од Скопје, а нивниот предводник Марин Докузовски не заборавил какво е чувството да се игра пред полните трибини во салата „Младост“.
„Очекував да биде прекрасна атмосферата, во салата „Младост“ секогаш се случувале вакви тешки, убави, но и драматични натпревари. Им напоменав на моите кошаркари дека ќе биде исполнета до последно место и дека ќе ни вршат голем притисок. Што се однесува до самата средба, сметам дека заслужено победивме. Во првото полувреме имавме контрола на топката, но повредите на Мираковски и Чековски си го сторија своето. Немавме адекватни замени за нив, а згора на тие проблеми, Маркус Гинјард не тренираше цела недела, па нецелосно подготвен дојде да настапи на натпреварот. Така што ни беше многу тешко да издржиме. Чавдар Костов направи прерано четири лични грешки, па Гостивар тоа го искористи за да се врати резултатски. Сепак, кога ќе се собере и одземе од се што се случи на средбата, сметам дека заслуживме да триумфираме“, истакна Докузовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА