Работнички играше извонредна кошарка во текот на целата сезона, што ги прави „црвено-белите“ многу сериозни во намерата по долга пауза да ја вратат титулата назад во „Градски парк“. Сепак, Марин Докузовски е свесен дека најтешкиот предизвик следи во наредните десетина дена, во финалната серија со големиот ривал МЗТ Скопје што ќе стартува в недела.
„Работнички по неколку години се наоѓа во финалето. Без да навредам некого, мислам дека секогаш кога играле Работнички и МЗТ во финалето, интересот бил поголем, па можам да кажам и квалитетот. Покажавме дека ова се најдобрите две екипи и заслужено се во финалето. Знаеме дека кошарката во последните години не ни е на највисоко ниво, затоа ова нека биде спортски празник за враќање на нашиот спорт на самиот врв. Нека победи подобриот на теренот, а за мене е најважно се да мине во најдобар ред, да поставиме темели за нешто што ќе го градиме секоја наредна година“ – изјави Марин Докузовски.
Според трофејниот стратег, домашниот терен не е преголема предност кога играат Работнички и МЗТ Скопје.
„Кога ќе дојде финале повеќе одлучува моменталната форма и психолоша состојба на играчите. Тактиките некогаш успеваат некогаш не, но главниот збор сепак ќе го имаат играчите. Домашниот терен сигурно треба да ни биде од предност, но треба да сме внимателни, да не загубиме меч на домашен терен бидејќи тоа би можело да не донесе до работ на амбисот. Наши играчи играле за МЗТ, дел од нивните играчи имаат настапувано за Работнички, така што не верувам дека атмосферата ќе влијае премногу врз нив и нема да биде изненадување ако и двете екипи слават на гостински терен“ – порача стратегот на Работнички.
Димитар Мираковски е максимално мотивиран за оваа финална серија, во која ќе атакува на нов шампионски трофеј во својата фантастична кариера.
„Ова се натпревари што ги чекаме цела година, тренираме девет месеци за да дојдеме до ова финале. Постојат сите предуслови за фантастично финале, големо ривалство, квалитетот на двата тима… Ние уште пред почетокот на плејофот ги заборавивме успесите од досегашниот дел од сезоната, се фокусиравме само на плејофот. Го минавме Куманово, сега на ред е МЗТ Скопје, ние сме решени да го дадеме максимумот и да ја вратиме титулата назад во Градски парк“ – изјави капитенот на Работнички.
Директорот на МКФ, Владимир Темелковски, побара од клубовите и од навивачите средбите да минат во спортска атмосфера за сите да уживаат во оваа финална пресметка.
„Сакам да апелирам до домаќините организатори за што подобра организција. Исто така, како федерација апелираме до навивачите за сите да можат да уживат во овој кошаркарски спектакл, а оние кои тренираа цела сезона да имаат можност непречено да ги покажат своите квалитети“ – изјави директорот Владимир Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА