Работнички и по 12. кола во домашното првенство не знае за пораз, но триумфот над Куманово тешко го заработија. Тренерот Марин Докузовски вели дека неговиот тим не беше максимално подготвен во пресрет на средбата во „Градски парк“, но посочи дека на крајот најважни се освоените бодови.
„Искрено, очекував да биде тежок натпреварот. Имавме долга пауза поради, претходно одигравме неколку лесни натпревари, па мислевме дека и овој ќе го поминеме така лесно. Сепак, Куманово покажа заби на оваа средба, исто како против Блокотехна и Гостивар. Покажаа дека се сериозна екипа која има играчи кои сакаат да победуваат и да се надигруваат со секого. Што се однесува до нашата игра, се виде дека на моите играчи им недостасува концентрација, особено во одбраната. Очигледно беше дека не бевме максимално подготвени, направивме неколку грешки, меѓутоа обезбедивме победа и нови бодови, а тоа е најважно на крајот од денот. Овој натпревар може да биде поучен за нас, мора да сфатиме дека нема лесни противници“, искатна Докузовски.
Тренерот на Куманово, Александар Петровиќ истакна дека искуството на Работични пресуди кој ќе биде победник. Исто така како пресуден податок се истакна и разликата во скокови, Петровиќ вели тоа е голем хендикеп за неговата екипа.
„Искуството на Работнички се покажа како пресудно на овој меч. Сметам дека на крајот од средбата две топки одлучија. Не можам да кажам ништо негативно за промашениот контра напад на Мекиќ, додека во нивниот последен напад Чековски се најде сам под обрачот и погоди. Сепак, ни се случи и еден мал пад во играта, во моменти кога Работнички стигна и до 14 поени предност, но на тајмаут им кажав на моите играчи дека можат да одиграат цврсто до крајот. Ни недостасуваше скок, тоа ни е голем хендикеп, мислам дека домаќинот имаше речиси двојно повеќе скокови од нас. Како и да е, натпреварот беше добар, успеавме да ја вратиме извесноста и да ја направиме завршницата интересна. Мислам дека немаше да биде интересно доколку Работнички ја завршеше работата уште во третата четвртина“, истакна Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА