Кошаркарите на Работнички денеска го играат реванш дуелот од ФИБА Еврокупот против рускиот претставник Парма (19.30 часот, СЦ „Борис Трајковски“). Убедливиот триумф на Парма на првиот меч во Перм од 88-63 ги разреши сите дилеми околу патникот во следната рунда. Во таборот на Работнички сепак тренираа напорно во изминатите денови, се со цел тимот да прикаже што подобра игра пред своите гледачи.
„Објективно гледано Парма е подобар тим од нас, пресуден е поголемиот фонд на играчи што им овозможи да играат агресивно во текот на 40-те минути на првата средба и темпото воопшто да не им опадне. Се боревме додека можевме, но со ограничена ротација не можевме да парираме до крај и очекувано во финишот се зголеми разликата и на крајот претрпевме убедлив пораз. Како и да е, тоа го оставаме зад нас и се надевам дека денеска во Скопје ќе прикажеме многу подобра игра. Нормално дека ќе одиме на победа и ќе сториме се за да ги израдуваме фановите, но од друга страна треба да се биде објективен и реален – против себе имаме моќен тим. Токму затоа, желба ни е да се надигруваме и да се прикажеме во издание во кое нашите навивачи ќе уживаат“ – истакнува Марин Докузовски во пресрет на вечерашниот реванш.
Раководството на Работнички донесе одлука влезот за вечерашниот натпревар да биде бесплатен, се со цел да се соберат што повеќе приврзаници на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА