Долга листа на повредени играчи пред ЕП – Словенците најголеми малери

Повредите не ги одминуваат ни најдобрите. Како што одминуваат подготовките и се приближува стартот на Европското првенство во Хрватска, така се продолжува и листата на повредени ракометари кои дефинитивно го пропуштаат или нивниот настап на шампионатот се уште е неизвесен.

Неколку познати ракометни имиња поради повреди ЕП ќе го проследат само како гледачи како Вилијам Акамбре, Лудовик Фабрегас, Ласе Андерсон, Матеј Габер, Филип Ивиќ…За некои настапот се уште е под знак прашалник како за Словенците Јуре Доленец, Ник Хенигман и за капитенот Вит Кавтичник, за Вуко Борозан во составот на Црна Гора, за Норвежанецот Магнус Род.

СЛОВЕНЦИТЕ НАЈГОЛЕМИ МАЛЕРИ

dolenec

Досега убедливо најголем малер со повреди пред ЕП ја бие репрезентацијата на Словенија која ќе прв противник на Македонија на 13 јануари во Загреб. Во избраниот состав на Веселин Вујовиќ дефинитивно ќе го нема пикерот Матеј Габер кој го повреди стапалото и мораше на операција. Десниот бек  Јуре Доленец имаше операција на менискусот, но ги одработува подготовките со Словенија, иако се уште чека зелено светло од Барселона за настап на ЕП. Неисвесна е ситуацијата и со левиот бек на Словенија, Ник Хенигман, со повреда на зглобот е и Игор Жабич. А последен тежок удар за Вујовиќ беше повредата на капитенот Вит Кавтичник кој на тренинг доби расекотина меѓу прстите, пет конци, десетина дена за рехабилитација и неизвесен настап на стартот на ЕП.

„Се обидувам да останам оптимист. Имавме многу пехови со повредите, тоа ни ги менува плановите, но не и нашите цели“ – изјави Вујовиќ за словенечките медиуми.

ЦРНА ГОРА СО ИЛИ БЕЗ БОРОЗАН?

Проблеми пред ЕП има и селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ. Во сообраќајна несреќа на крајот од декември се повреди најдобриот црногорски ракометар Вуко Борозан. Станува збор за повреда на мускулот на ногата. Повредата не е од потешка природа, но сепак го става Борозан на листата на играчи кои најверојатно ќе го пропуштат ЕП. Бекот на Вардар не беше во составот на Црна Гора на единствениот контролен натпревар со Хрватска, а се уште е неизвесно дали ќе биде и за натпреварите на ЕП во Загреб.

borozan

Според изјавата на селекторот Ѓукиќ, на Борозан останува да одлучи дали ќе одлучи да игра на свој ризик или ќе го пропушти ЕП.

Освен Борозан, во црногорскиот состав за ЕП ќе го нема ни пикерот Немања Грбовиќ кој има повреда на зглобот.

ГЕРМАНИЈА СО ЕДНА ПРИНУДНА ИЗМЕНА, МАКЕДОНИЈА ДОБРО СЕ ДРЖИ

germanci

Во подготовките пред ЕП, репрезентацијата на Германија остана без средниот бек Никлас Пјачковски кој го повреди рамото и го пропушта настапот на шампионатот. На негово место дополнително беше повикан Макс Јанке.

Претходно поради повреда на лигаментите отпадна и Симон Ерст, а подолго време проблеми со повредите влечеа и Фабиан Виде и Филип Вебер, но тие веќе се на располагање на селекторот Кристијан Прокоп.

За разлика од другите кои се во дефицит на одредени позиции, Прокоп во свеото селекторско деби на ЕП, има многу поширок избор и „мака“ кого да селектира во финалните 16. Според најавите во германските медиуми, од составот на актуелниот европски шампион на ЕП во Хрватска може да отпадне дури и ѕвезда од калибарот на Руне Дамке. Но, не поради повреда туку поради силната конкуренција на лево крило по враќањето на Уве Генсхајмер.

rakometna rep. na makedonija -trenig (16)

Од репрезентациите што ќе играат во групата Ц, и Македонија ги привршува подготовките досега без поголеми проблеми. На принудна пауза неколку дена е само Немања Прибак кој на тренинг го повреди зглобот на ногата.

Мала повреда и куса поштеда на контролниот меч со Србија имаше и Дејан Манасков, но и тој ги продолжува завршните подготовки и ќе биде подготвен за првиот меч на ЕП на 13 јануари против Словенија.

СТОЈКОВИЌ ОДЛОЖИ ОПЕРАЦИЈА, ДУВЊАК СТИСКА ЗАБИ…

akambre 123

Повредите пред ЕП не ги одминаа ни Французите. Повредата на ахиловата тетива значеше крај на надежите за настап на ЕП за левиот бек на Веспрем, Вилијам Акамбре. Со повредено колено е Оливер Ниукас, а уште од претходно отпадна најголемиот малер кога се во прашање повредите, Матие Гребиј.

Во составот на Французите за ЕП ќе го нема ни младиот пикер Лудовик Фабрегас на кого во ноември му беше дијагностицирана венозна тромбоза на раката што пак му носи неколкумесечна пауза од ракометните терени.

Кај Норвешка за ЕП во Хрватска неизвесен е настапот на десниот бек на Фленсбург, Магнус Род кој пред два месеци доби фрактура на левата шутерска рака.

Серија принудни откажувања имаше и во репрезентацијата на Србија. Лука Митровиќ отпадна поради повреда на лигаментите. Момир Илиќ го пропушта ЕП поради фрактура на ногата, а откажаа и Илија Абутовиќ и Страхиња Милиќ.

Со повреда на ЕП ќе настпи српскиот пикер Растко Стојковиќ кој реши да ја одложи операцијата на менискусот.

duvnjak

Хрватска и Лино Червар во походот кон европското злато на домашен терен голема надеж полагаат во капитенот Домагој Дувњак кој се враќа на терен по осум месеци пауза поради операција на коленото. Иако неговиот тренер во Кил, Алфред Гисласон неколку пати предупреди дека настапот на ЕП ќе биде голем ризик за Дувњак, хрватскиот бек сепак, нема да го пропушти шампионатот.

Проблем со повреда на лигаментите на левата нога влече и пикерот Марино Мариќ. Првенството е дефинитивно завршено за голманот Филип Ивиќ кој поради повреда мораше да е откаже уште во подготовките, но и за бековите Иван Слишковиќ и Домагој Павловиќ.

lase anderson

Данска на ЕП во Хрватска ќе биде без левиот бек на Барселона, Ласе Андерсен кој има повреда на лигаментите на коленото. Но, и без Ласе Мелер кој има фрактура на ногата.

Не е без проблеми ни Љубомир Врањеш во своето селекторско деби на клупата на Унгарија. Врањеш за ЕП не може да смета на искуснот плејмекер Габор Часар кој има повреда на менискусот, а вон строј е и Матијас Ѓери.

Се вчитува...