Менаџерот на Челси, Антонио Конте, посочи загрижувачки вести во врска со нивното рекордно засилување Алваро Мората. Шпанецот ги пропушти последните четири натпревари за „сините“ поради болки во долниот предел од грбот, италијанскиот стратег вели дека неговото закрепнување ќе трае уште, а постои можност да не заигра до крајот на сезоната.
Вакви вести воопшто не се во корист на актуелниот англиски шампион во овој критичен период. Челси во последните два меча претрпе големи порази од Бурнемаут и Вотфорд, им следува тежок распоред во кој ќе се пресметаат со двата клубови од Манчестер, како и двомечот против Барселона во осминафиналето од ЛШ, а отсуството на Мората создава дополнителни проблеми во таборот на „сините“.
„Мората има проблем со грбот. Засега не знаеме сигурно уште колку ќе отсуствува, но тој во моментов не е во состојба да игра. Можеби ќе отсуствува уште еден натпревар, можеби нема да ми биде на располагање уште еден месец, или пак до крајот на сезоната. Моментално се мачиме да најдеме решение за неговиот проблем“, истакна Конте.
Како алтернативно решение во нападот Конте го има само Оливие Жиру, додека често знае мечот да го започне со Еден Азар како најистурен играч во нападот.
Челси во следното коло во Премиер – лигата ќе го пречека тимот на ВБА на „Стемфорд бриџ“, шанса да се крене самодовербата пред „пеколниот“ распоред.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА