„Долго разговаравме со Столе по големата победа над Реал, ја воодушевија цела Шпанија“

Реал Мадрид го доживеа првиот сезонски пораз во Ла Лига. „Кралевите“ беа шокирани на гостувањето против Рајо Валјекано, на чиј гол повторно одличен беше Столе Димитриевски.

„Столе е лек за гигантите во Шпанија“ – се дел од коментарите на шпанската фудбалска јавност, која со воодушевување го прифати големото синоќешно изненадување.

А, со силно воодушевување победата на Рајо беше дочекана и во домот на Столе Димитриевски во Куманово, како емотивно се доживува секој натпревар на македонскиот репрезентативец.

„Секогаш се слушаме со Столе и пред секој натпревар, и после одиграниот натпревар, анализирајќи го. Тоа ни е како некоја редовна рутина. Синоќа долго разговаравме затоа што беше навистина спектакуларен меч кој ќе остане во паметење засекогаш“ – вели таткото на Столе, Марјан Димитриевски во разговор за интернет-порталот „Опен ТВ“.

„И сите ние тука дома бевме навистина воодушевени од натпреварот. Го гледавме под силни емоции, нервоза, радост, тага се менуваа во текот на 90-те минути, и на крај секако – среќен крај“.

Таткото на македонскиот репрезентативен голман се осврна и на можноста Димитриевски зимава да ја промени клупската средина, ако се знае дека претходно постоеше огромен интерес од Барселона.

„Имаше огромен интерес на почетокот од годината од Барселона. Од каталонскиот тим беа премногу заинтересирани за неговите услуги, но имаше одреден проблем со нивниот втор голман кој требаше да замине од клубот. Но, тоа не се реализира, и пропадна и трансферот на Столе во Барселона“ – вели Марјан Димитриевски за „Опен ТВ“.

Се вчитува...