Црвена Звезда ја продолжи доминацијата во српскиот фудбал откако во голем стил стигна до двојна круна. Неколку седмици откако беше осигурана шампионската титула, белградскиот гигант стигна до трофејот и во Купот на Србија, во финалето совладувајќи ја Војводина со 3-0.
Ова е петта двојна круна во низа за белградските „црвено-бели“, кои се несовладлив ривал за сите тимови кај нашиот северен сосед. Резултатот во финалето што се играше во Зајечар е идентичен како и лани во Лозница, и тогаш Црвена Звезда за противник ја имаше Војводина, успевајќи да триумфира со истиот конечен резултат (3-0).
Дуарте беше човекот кој го отвори резултатот во првото полувреме, Црвена Звезда ја погоди и гредата во првото полувреме, но Војводина се отвори во вториот дел, не реализирајќи неколку добри ситуации.
Казната стигна во судиското продолжение, најпрвин Милсон од работ на шеснаесетникот стрелаше прецизно за 2-0, за Катаи од слободен удар во последните секунди да ги постави конечните 3-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

