Ремонтот во играчкиот кадар на МЗТ Скопје ќе продолжи и во следниот период, со заминувањето на Доминик Мавра од редовите на актуелниот првак на Македонија. Хрватскиот интернационалец беше доведен од Хувентуд и требаше да биде големо засилување за „металците“, но поранешниот играч на Карпош соколи не ги оправда очекувањата, пред се со очајните игри во дефанзива. Со оглед на фактот дека станува збор за еден од најплатените кошаркари во тимот, „металците“ се подготвени на разделба од него, а во ситуација кога Мавра е интересен за неколку клубови ширум Европа, македонскиот првак би можел да заработи и извесна сума како отштета.
Како што дознава ЕКИПА, и самиот Мавра инсистира на заминување, што е причина повеќе челниците на МЗТ да ги забрзаат разговорите за хрватскиот плејмејкер час поскоро да си замине од Аеродром. Останува да се види дали тоа ќе се случи во следните 24 часа, со што Мавра не би настапил ниту на утрешниот дуел од АБА-лигата против Унион Олимпија.
МЗТ Скопје веќе го договори трансферот на Џордон Крафорд, но американскиот кошаркар ќе настапува само во домашното првенство, што ги остава „металците“ без решение за плејмејкерската улога, каде тренерот Лукајиќ на располагање би го имал единствено младиот Андреј Настовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА