„Дончиќ докажа дека е полесно да играш во НБА отколку во Европа“

Лука Дончиќ беше во центарот на вниманието во американската јавност пред две години, кога на 19-годишна возраст изјави дека е полесно да постигнеш поени во НБА отколку во Европа, првично поради поголемиот терен и правилото на три секунди во рекетот.

Дрејмонд Грин, еден од клучните кошаркари од дефанзивата на Голден Стејт, и поранашен Дефанзивен играч на годината, верува дека „словенското чудо од дете“, две години подоцна, ги оправда своите зборови.

„Лука даде изјава во која рече ‘Полесно ми е да поентирам во НБА лигата отколку што ми беше во Европа’ и сите полудеа, говореа ‘Какви се овие навреди’, но тој докажа дека тоа е точно“ – изјави Грин.

Притоа на шоуто „The Jump“ трикратниот НБА шампион говореше и за предизвикот во дефанзивата против супер-ѕвездата на Далас.

„Како дефанзивец единствената цел ти е да го натераш противникот да го прави она што не сака да го прави. Ако го направиш тоа можеш да бидеш успешен. Против Лука, не можеш да го натераш да го прави она што ти сакаш. Не можеш да го засилиш темпото, бидејќи тој го диктира. Доколку му го скратите патот до рекетот ќе погоди со шут од дистанца, а доколку не сака да шутне ќе најде начин да стигне до рекетот. Едноставно не можете да го натерате да прави тоа што вие сакате“ – додаде кошаркарот на Голден Стејт.

 

Се вчитува...