Лука Дончиќ е новиот „газда“ во ЛА Лејкерс, околу кого „езерџиите“ планираат да го градат тимот во годините што следат. Доказ за тоа е последниот состанок на кој новиот газда на лејкерси седна на маса со тренерот Редик, Лука и неговиот агент, но на тој состанок воопшто не беше повикан Леброн Џејмс.
„Кралот“ реши да не ја активира клаузулата за заминување и треба да остане во Ел-Еј и во наредната сезона, но последниот потег е оценет како крајно непочитување кон еден од најдобрите кошаркари во историјата. Од друга страна, дел од медиумите тврдат дека новото раководство на ЛА Лејкерс сака на овој начин суптилно да го натера Леброн самиот да си замине, ако се знае дека „кралот“ во договорот има клаузула според која не може да биде разменет без негова согласност.
Последните информации говорат дека четири клуба во изминатите 48 часа го контактирале неговиот агент Ричи Пол, презентирајќи му ги своите идеи за улогата на Џејмс. Станува збор за Далас, ЛА Клиперс, Голден Стејт и неговиот поранешен клуб Кливленд кавалирс.
Доколку добијат зелено светло од Леброн, тие потоа би стартувале конкретни преговори со ЛА Лејкерс за да разменат некоја од своите ѕвезди за големиот ас, но барем засега сите разговори се во почетна фаза.
„Сакаме да размислиме што е најдобро за Џејмс во овој момент од кариерата. Тој сака да ја искористи секоја сезона што му е преостаната и лејкерси имаат разбирање за тоа“, изјави агентот Ричи Пол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

