Дончиќ и Леброн запрени на првата пречка во плејофот

Првата заедничка сезона на Лука Дончиќ и Леброн Џејмс во ЛА Лејкерс не заврши според очекувањата откако „езерџиите“ претрпеа пораз од 1-4 во првата рунда од плејофот од Минесота тимбервулвс.

Лејкерси цела серија се мчеа да влезат во ритам, а откако на претходниот меч прокоцкаа предност од 20 поени, синоќа на домашен терен потклекнаа под притисокот, губејќи со 96-103 за неславен крај на првата заедничка авантура на двете суперѕвезди. Минесота водеше цел натпревар, Дончиќ ги предводеше лејкерс во обидот за камбек, но Леброн промаши неколку важни обиди во последните четвртина, што се покажа клучно за Минесота да ја задржи предноста и да се пласира во полуфиналето на Западната конференција.

Гобер беше клучен играч во победничкиот тим, францускиот центар имаше импресивен дабл-дабл од 27 поени и 24 скокови, Рендл постигна 23 поени за Минесота, додека кај ЛА Лејкерс прв стрелец беше Дончиќ со 28, пред Хачимура со 23 и Џејмс со 22 поени.

Хјустон славеше со 131-116 над Голден Стејт, намалувајќи ја негативата на 3-2 во оваа плејоф-серија. „Ракетите“ одиграа импресивна прва четвртина во која постигнаа 40 поени, создадоа убедливо водство и потоа го контролираа резултатот до самиот крај.

Ван Флит со 26 поени беше предводник на Хјустон, Томпсон реализираше 25, додека Муџи со 22 поени ги предводеше стрелците на Голден Стејт. За одбележување е и одличната одбрана што домашниот тим ја одигра врз Стеф Кари, па најдобриот кошаркар на „воините“ беше запрен на само 13 поени на овој натпревар.

Се вчитува...