Нашите најдобри футсалски судии во футсал, интернационалците Доне Ристовски и Марјан Младеновски добија големо признание од УЕФА Комисија за футсал бидејќи се одредени да судат на претстојното Европско сениорско првенство во футсал кое ќе се одржи од 19 јануари до 7 февруари идната година во три држави: Словенија, Литванија и Летонија.
На првенството ќе учествуваат 16 најдобри футсал репрезентации од Европа поделени во четири групи. Познати се веќе и репрезентациите и кој во која група ќе игра и во која држава. Се игра во Каунас, Рига и Љубљана. Во Литванија ќе играат репрезентациите на Литванија, Ерменија, Чешка и Украина /А група/, во Летонија: Летонија, Хрватска, Грузија и Франција /Б група/.
Во Словенија ќе се играат последните две групи. Во Ц групата се: Словенија, Белорусија, Шпанија и Белгија, во Д групата Италија, Унгарија, Португалија и Полска.
На првенството ќе судат 32 најдобри европски футсал судии кои беа одредени од 42 судии на последниот тест семинар што се одржа 21 до 25 октомври, на кој присуствуваа Ристовски и Младеновски, на кој беа проверени физичките норми, разни тестови, правилата на футсал и други активности.
Интересно е да се напише дека од балканските простори само Македонија и Словенија имаат по двајца судии во тајниот на ова првенство, другите држави имаат по еден што е уште еден доказ за квалитетот на нашите двајца футсал судии Доне Ристовски и Марјан Младеновски.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

