ПОБЕДА ЗА МАКЕДОНИЈА во овие тажни моменти!

ЕКИПА во Вадуц
Горан Бошев

Патот кон Мундијалот 2026 година низ регуларните квалификации за Македонија почнува од Вадуц, на дуел против селекцијата на Лихтенштајн (15:00 часот). Македонскиот воз тргнува денеска со надеж дека ќе стигне до посакуваната дестинација – Светското првенство 2026! Вистински противник да се почне еден квалификациски циклус на нашата репрезентација, но натпреварот доаѓа во тажен момент, во еден од најтажните во историјата по случувањата во Кочани.

Стручниот штаб и фудбалерите максимално концентрирани кон фудбал, и покрај тоа што не може да се заборави она што се случуваше во нашата земја изминатите неколку дена. Многу солзи, многу тажни и моменти кои го кршат срцето.

Во мирна атмосфера, Македонија вчера го одработи последниот тренинг пред дуелот, на кој најавуваат максимум и три бода на стартот од квалификацискиот циклус.

„Животот е непредвидлив, затоа треба секој ден да се радуваш што си жив и здрав, и да пружаш љубов и разбирање на тие околу тебе“, ќе рече Енис Барди на вчерашната прес-конференција од Вадуц пред натпреварот со Лихтенштајн, изразувајќи сочувство до семејствата и до најблиските за оваа тешка трагедија. 

Нема утеха за никој во Македонија по страшниот настан, но репрезентацијата има можност да донесе барем малку среќа во овие тажни моменти.

„Тешко ми е да зборувам за било што, меѓутоа мораме да се концетрираме на фудбал, колку и да ни е тешко, мораме да дадеме максимум“, рече селекторот Милевски. 

„Ќе победиме, само и само ако бидеме на максимум“, додава селекторот на националниот тим. Верувам дека ќе имаме максимален пристап“, изјави Милевски. 

Противникот е на хартија аутсајдер, но капитенот Барди е сосема внимателен пред овој меч, притоа посакувајќи три бода.

„Во денешниот фудбал нема повеќе фаворити. Нема лесно или тешко, и затоа мораме да дадеме максимум. Јас се надевам дека ќе пронајдеме игра со која ќе дојдеме до трите бода, и тоа е нашата цел. Одиме од натпревар во натпревар за да овозможиме Македонија да игра онаму каде што сите сонуваат“, дополнува капитенот на националниот тим. 

Во спомен на трагедијата од Кочани, Македонија вечерва ќе игра со црни дресови, а ќе има и минута молк пред натпреварот. Навивачите на трибините кои ќе дојдат од Швајцарија, Германија, Австрија, ќе дојдат во црни маички и ќе навиваат од трибините на „Рајнпарк“ во Вадуц, со надеж дека на крајот Македонија ќе слави три бода.

Се вчитува...