Дориев ја продолжува кариерата во Узбекистан

Македонскиот репрезентативец Љупче Дориев, по завршувањето на соработката со Шкендија, својата кариера ја продолжува во шампионатот на Узбекистан.

За 27-годишниот крилен офанзивец тоа ќе биде првиот интернационален предизвик во кариерата. Како што дознава ЕКИПА, Дориев е пред договор со ФЦ Согдиана кој треба да се официјализира веднаш после репрезентативниот собир. Досегашниот фудбалер на Шкендија во моментов е со националниот тим во очекување на натпреварите со Украина во Скопје, и против Англија на 19. јуни во Манчестер.

Шкендија посакуваше да го задржи во своите редови, меѓутоа пресудно за неговото заминување беше одличната финансиска понуда која Дориев ја доби од узбекистанскиот прволигаш. Според информациите македонскиот репрезентативец ќе добие годишна плата од 300.000 евра плус бонуси.

Претходно во својата кариера Дориев настапуваше за екипите на Хоризонт Турново и Академија Пандев пред во јуни 2020 година да се пресели во редовите на Шкендија каде мина три одлични години кои го издвоија и со неизбежни повици во македонската репрезентација.

Се вчитува...