Фудбалерот на Шкендија, Љупче Дориев би можел во јануарскиот преоден рок да замине во Саудиска Арабија, дознава ЕКИПА. Од еден клуб на адреса на тетовскиот тим веќе стигнала понуда за услугите на Дориев, кој има фантастична полусезона, и сигурно дека ќе се најде на мета на неколку клубови уште на паузата во првенството.
Дориев беше еден од најдобрите фудбалери на Шкендија во европските купови летоска, каде што тетовскиот тим стигна до 3. квалификациско коло во Лигата на Конференции, а потоа се покажа и со настапите во националниот тим на Македонија во последните кола во Лигата на Нации, како и низ првенствените натпревари во ПМФЛ. За Дориев има интерес и од еворпски клубови, меѓу кои од Унгарија и од Австрија.
Во исто време Шкендија веќе подготвува да донесе и замена за Дориев. Станува збор за офанзивниот играч на Работнички, Методи Максимов кој што е блиску до трансфер во тетовските „црвено-црни“. Се чини дека без разлика дали ќе го продаде Дориев или не, Максимов во јануари ќе биде дел од Шкендија.
Шкендија ќе сака да направи тим за да се обиде низ пролетниот дел да ја стигне разликата на Струга ТЛ во битката за првото место, но и да атакува на трофејот во Купот, каде тетовскиот тим се пласираше во полуфиналето по добиената службена победа над Шкупи.
Поранешниот шампион веќе е на зимска пауза, со оглед дека престојниот викенд е слободен и нема натпревари во ПМФЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

