Доријан Бабунски се наоѓа пред заминување од Дебрецен и трансфер во редовите на швајцарскиот прволигаш Грасхоперс, информираат унгарските медиуми.
Македонскиот голгетер беше меѓу најдобрите фудбалери на Дебрецен минатата сезона постигнувајќи 13 погодоци, на претходниот меч со Кишварда беше стартер, но викендов не се најде ниту меѓу резервите на својот тим. Како што јавува весникот „Немзети Спорт“, причината е богатата понуда од Швајцарија што пристигнала за Доријан и што Дебрецен се подготвува да ја прифати.
Евентуалната повреда викендов ќе значеше и пропаѓање на трансферот, тоа е причината поради која Бабунски не бил во тимот, а се очекува во следните 48 часа неговиот трансфер да биде комплетиран и тој и официјално кариерата да ја продолжи во Швајцарија.
Екипата на Грасхоперс по првите пет кола од швајцарското првенство има освоено само четири бода, постигнувајќи вкупно шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

