Македонската репрезентација денеска го означи почетокот на подготовките за последните два натпревари од Лигата на нациите против Грузија (23. септември) во Тбилиси и против Бугарија (26. септември) во Скопје. Два одлучувачки натпревари во битката за првото место во групата кое води кон повисок ранг на натпреварување во Лигата на нациите следната сезона.
Селекторот Благоја Милевски се соочува со многу проблеми пред последните два дуели, по повредите на Дарко Чурлинов, Стефан Ристовски и Валон Етеми, како дополнение на претходните откажувања, но сите во селекцијата се подготвени да го дадат максимумот во битката за две победи на крајот.
„Знаеме дека сме некомплетени, соочувајќи со бројни повреди, но сите кои сме тука сме решени до последен момент да се бориме за првото место во групата“ – вели офанзивецот на унгарски Дебрецин, Доријан Бабунски.
Првиот дуел е против Грузијците од кои досега го имаме единствениот пораз во групата.
„Ќе биде нов тежок натпревар. Грузија е навистина квалитетна репрезентација со одлични индивидуалци. Секако дека сакаме реванш за поразот во Скопје и без разлика што во Тбилиси ќе не чека пеколна атмосфера ние одиме да се надигруваме и да дојдеме до победа“ – дополнува Бабунски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА