Досегашните мундијали на Македонија: Од Египет, па сè до Катар…

ЕКИПА во Мец,

Стеван Цаневски, Билјана Благоеска Петрушева

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го почнува својот настап на СП во Франција, петтиот ракометен мундијал на кој нашиот национален тим ќе учествува. Во исчекување на стартот од дуелот со Тунис, еве мало навраќање низ историјата на настапите на македонската репрезентација на претстојните светски првенства.

ЕГИПЕТ 1999

Историјата почна да се пишува во 1999, кога Македонија за првпат стана дел од еден ракометен мундијал. Во квалификациската група бевме подобри од Португалија, Белгија и Италија, па на шампионот се најдовме во групата Б, заедно со Саудиска Арабија, Германија,  Куба, Бразил и домаќинот Египет.

Мундијалското деби ни беше победничко, славевме над Саудиска Арабија со 28-21, но потоа следеа порази од Германија (25-36), Куба (18-32), Бразил (27-30) и Египет (24-30), па на крајот го освоивме 18. место на овој мундијал.

Дел од составот на Македонија, во чии редови главна ѕвезда беше Пепи Манасков, беше и тогашниот тинејџер Кире Лазаров, кој токму во Египет ги одигра своите први средби во репрезентативниот дрес на големите натпреварувања.

ХРВАТСКА 2009

Цели десет години ни беа потребни повторно да стигнеме до место во светската ракометна елита, па да обезбедиме пласман на еден мундијал. Во првите квалификации ги минавме Бугарија и Португалија, за во баражот конечно да го елиминираме лутиот ривал Исланд.

И тој мундијал го стартувавме со дуел со Тунис, на кој претрпевме минимален пораз од 24-25, но потоа следеше убедлива победа над Алжир со 32-19. Во извонреден натпревар ја добивме фаворизираната Полска со 30-29, за потоа во четвртото коло да загубиме од Германија со 23-33, меч во кој Кире Лазаров во второто полувреме доби црвен картон. Во последниот меч од групната фаза Македонија одигра маестрално, победувајќи ја Русија со 36-30.

Следната фаза ја почнавме со порази од Норвешка и од Данска, со што ги загубивме шансите за највисок пласман, но потоа славевме над Србија и над Јужна Кореја за освојување на 11. место на табелата. Овој мундијал мина целосно во знакот на Кире Лазаров, кој постигна 92 гола, со што се уште е актуелен рекордер како најдобар стрелец на еден светски шампионат.

ШПАНИЈА 2013

Триумфот во баражот со Австрија им овозможи на македонските ракометари повторно да бидат дел од едно големо натпреварување, со кое почнаа серија што трае до ден денеска. Избраниците на Звонко Шундовски групната фаза ја играа во Севилја, а пласманот во следната рунда го обезбедија по првите два меча, совладувајќи ги Чиле (30-28) и Катар (34-30).

Во рамките од третото коло загубивме од Исланд со 23-19, па следеше реми со Русија од 29-29, за во последното коло да претрпиме пораз од Данска со 33-30. Во осминафиналето што го игравме во Барселона за ривал ја имавме Германија, меч во кој по голема битка на крајот сепак претрпевме пораз од 23-28, па на крајот Македонија го заврши мундијалот како 13. репрезентација во светот.

КАТАР 2015

Ивица Обрван седеше на клупата на Македонија на овој шампионат, на кој мечевите во групната фаза ги одигравме беспрекорно. Отворивме со огромен триумф над Тунис од 33-25, потоа славевме и над Иран (33-31) и над БиХ (25-22). По поразот по голема борба со Хрватска од 26-29 беспрекорно одговоривме на предизвикот против Австрија, триумфирајќи со 36-31 и освојувајќи го второто место во групата.

Осминафиналето за жал повторно остана краен дострел, откако во суперинтересен дуел во кој имавме бројни промашени пенали и зицери загубивме од Словенија со 30-28. Деветтото место во Доха останува запишано како најдобар пласман на Македонија на едно Светско Првенство, обезбеди и место на предолимписки турнир за Рио, шанса што за жал повторно остана неискористена.

Време е за испишување на нови страници во мундијалската историја на ракометна Македонија, нека бидат победнички со почетен триумф над Тунис, како пред две години во Катар.

Се вчитува...