Не беше многу одамна кога македонската кошаркарска репрезентација го оствари најголемиот успех во својата историја, стигнувајќи до четвртото место на Евробаскет 2011 што се одржуваше во Литванија. Само шест години подоцна, „црвено-жолтите“ не само што не обезбедија пласман за Европското Првенство во 2017, туку и се принудени да играат претквалификации за да се најдат во главната групна фаза од новоформираните квалификации за СП 2019.
Причините се јасни, фијаското во ланските квалификации по „експериментот на МКФ“ со именувањето на Драган Раца кој го врати нашиот национален тим три чекори наназад. Сега ситуацијата треба да ја оправа Јорданчо Давитков, кој уште еднаш го прифати предизвикот кога беше најтешко, успеа и да врати дел од пензионираните кошаркари, па дури и да добие ветување од Перо Антиќ дека би играл во главните квалификации, доколку Македонија се избори.
Патот кон елитата тргнува од Приштина, градот каде нашиот национален тим вечерва (20.15 часот) ќе ги одмери силите со селекцијата на Косово. Системот на натпреварување е таков, за пласман во следната рунда потребно е да се биде најмалку второпласиран во групата со Косово и Естонија, предизвик за кој Македонија дефинитивно поседува квалитет. Токму затоа, јасно е дека евентуално победа вечерва широко би ги отворила вратите кон главните квалификации за СП 2019, но селекторот Давитков настојува таквиот притисок да не се наметне врз кошаркарите.
„Не го гледам мечот со Косово одделно, сите средби се подеднакво важни за да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Не се сложувам дека овој прв меч е најзначаен, за нас најзначајно е по последниот дуел во Естонија на 16 август да бидеме пласирани во квалификациите за СП. Сите знаеме дека пред нас е тежок натпревар, во кој ќе има притисоци од сите страни. Колку што имам информации, салата е распродадена, ќе има притисок од трибините, ќе видиме каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме на се, да одиграме како што знаеме, пред се во одбраната. Косово не е премногу квалитетна селекција, но од друга страна не е ниту ривал што треба да се потцени. Тие се особено опасни на домашен терен, каде понесени од публиката можат да одиграат многу добро“ – изјави Давитков во пресрет на вечерашниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА