Достоен пораз на Шкендија за крај на европската приказна

Шкендија е елиминирана од Лигата на Европа откако македонскиот вицепрвак и на вториот меч загуби од Милан, овојпат со 0-1. „Росонерите“ допатуваа во Скопје со бројни резервни фудбалери, јасно беше дека предноста од 6-0 од Милано ќе им биде доволна за пласман во групната фаза, па тоа придонесе да се одигра мирен меч во кој на крајот сепак пресуди класата на италијанскиот игант.

Милан уште во 4. минута можеше да стигне до погодок преку Андре Силва откако Челиковиќ ги искомплицира работите за Шкендија пред голот на Захов, но во последен момент домаќините ја исфрлија топката од игра. Три минути подоцна младиот Занелато се најде во позиција за удар, но не го искористи слободниот простор во шестнаесетникот за да направи нешто повеќе.

Радески го упати првиот удар за Шкендија кон голот на Сторари во 8. минута, но без успешна реализација. Бесарт Ибраими со шут од далечина се обиде да донесе водство на домаќинот по десетина минути игра, но топката помина над гредата.

IMG_3171

Младиот Кутроне ја продолжи серијата голови во дресот на „росонерите“, во 13. минута го отвори резултатот во корист на гостите од Италија, по одличната асистенција на Локатели.

Бејтулаи во 26. минута се закани со удар од далечина по корнерот на Шкендија, но топката беше лесен плен за Сторари. Во 34. минута Радески одново се најде во шанса и упати удар со глава по нафрлувањето на Целиковиќ, но и овој пат топката замина далеку над голот. Андре Силва можеше да стави точка на мечот уште во 37. минута, но Захов беше на ниво на задачата.

Во второто полувреме Шкендија дојде до шанса да изедначи преку Ибраими во 48. Минута,  сепак топката помина блиску до голот на Милан. Две минути подоцна Алими се најде во 100% шанса пред голот на Сторари,  искусниот голман брзо реагираше и го задржа водството на својот тим. Веднаш на другата страна се закани Занелато, но ударот беше непрезцизен.

IMG_2803

Ибраими беше најактивен играч кај тимот од Тетово, во 55. минута одново се обиде да го изедначи резултат од огромна далечина, и одново беше спречен од Сторари. Антолели се најде во одлична ситуација да го зголеми водството, пред голот на Захов го даде својот максимум за да упати удар, но за среќа на домаќинот ударот ја прелета пречката.

Алими за нецели две минути упати два проектили од 25 метри кон Сторари, но и во двете ситуации како победник излезе голманот на Милан, со две одлични паради. Сторари вечерва беше непокорлив, сите удари на Ибраими беа спречени, дури и во 69. минута кога напаѓачот на Шкендија сам создаде простор за удар од дваесетина метри.

Ќатим Османи посегна по клупата дури во 72. Минута,  во игра влезе Абдурахими на местото на Радески, додека Монтела во истиот момент ја искористи третата замена. Локатели беше заменет со Габиа. Последните минути од мечот имаа мирен крај. И двете екипи го чекаа последниот свиреж на судијата.

IMG_2761

Севкупно гледано, впечатокот дали подобар од оној очаен прв меч во Милано, но и поради фактот дека гостите без многу притисок го одиграа овој реванш. Како и да е, Шкендија зад себе остава уште една успешна европска сезона, па сега погледите ќе ги насочи кон домашното првенство.

 

Се вчитува...