На неколку дена пред почетокот на подготовките за СП во Германија, Ракометниот сојуз на Црна Гора го смени Драган Аџиќ од функцијата селектор на женската ракометна репрезентација. Негов нследник на клупата на Црна Гора ќе биде Швеѓанецот Пер Јохансон.
Во известувањето од УО на РСЦГ не е наведена причината за селекторската смена непосредно пред настпот на Црна Гора на СП во Германија, но црногорските медиуми откриваат дека Аџиќ е сменет поради „различните гледишта околу составот на репрезентацијата“.
По неуспехот на ОИ во Рио, Аџиќ ја подмлади репрезентацијата и од репрезентативниот состав избриша дел од поискусните репрезентативки кои се уште го имаат статусот на ѕвезди, а кои повторно се најдоа на списокот за настап на СП (Радичевиќ, Булатовиќ, Јовановиќ…).
„Не сакам и никогаш не сум се ставал себе си пред интересите на Црна Гора. За Црна Гора сум секогаш тука. Одиме понатаму, на овие девојки им посакувам среќа и добро здравје. Ќе бидам нивен најверен навивач. А, ние во Будуќност продолжуваме таму каде што застанавме. Оваа Будуќност има голема иднина“ – стои во изјавата на Драган Аџиќ.
Новиот селектор на Црна Гора, Пер Јохансон (47), на ЕП 2010 го освои сребрениот медал со репрезентацијата на Шведска, а потоа имаше подолга тренерска пауза и работеше како стручен ТВ коментатор. Последниот ангажман му беше на клупата на ЧСМ Букурешт и ја предводеше романската екипа од март годинава до крајот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА