Караорман, еден од најстарите клубови во Македонија, кој годинава ќе прослави убав јубилеј, 100 години од формирањето, во изминатата сезона успеа да се избори за опстанок во Единствената Втора лига на Македонија, и покрај финансиските проблеми што ги имаше. Но благодарејќи на претседателот на клубот Ристе Чушковски и спортскиот директор, поранешниот репрезентативец на Македонија Игор Митревски, сепак на крајот се добро заврши. Навивачите на Караорман, оние од постарата генерација не го заборавија својот миленик, помагаа колку што можеа, но за жал, оние што најмногу можеа да помогнат, Локалната самоуправа, не беше заинтересирана да помогне, како во другите градови. Некако Караорман, клуб со богата традиција, денес е некако во сенка на во моментот најдобриот клуб од Струга , новиот шампион на Македонкија Струга Трим Љум.
Сигурно љубителите на фудбалот во Македонија се сеќаваат на блескавите денови на Караорман кога играше во Првата лига на Македонија. Неговиот дрес го носеа и репрезентативците на Македонија, Игор Митревски, Величе Шумуликовски, Артим Шакири, Лазо Липовски, потоа фудбалери од постарата генерација предводени од Томе Тутенковски, кој неколку години беше прв стрелец на лигата, Ристо Глигоровски, како и Живко Ефтимовски, Илија Ковачевски и Суби Ајро кои играа и за Вардар. Своите први чекори како фудбалер во дресот на Караорман ги направи и нашиот најдобар тренер Ѓоко Хаџиевски.
Но тоа е минато, сега Караорман се подготвува за новата сезона, цврто решен да не дозволи повторно да стравува за својата второлигашка судбина. Ангажиран е и нов тренер, на местото на досегашниот Дарко Крстевски, кој замина во Новаци, на клупата ќе седи Драган Блажевски, искусен тренер кој работеше и во Австралија, беше тренер на Македонија Престон. Клубот го напуштија Марио Дебрешлиевски /Пелистер/, Антонио Столевски /Кожув/, Христијан Кукевски/Победа/, Јасин Ќазиовски /Новаци/, како и Давид Јошевски и Усни Исмаили /не е познато за кој клуб ќе играат/.
Но останааа клучните играчи кои го понесоа товарот во битката за опстанок: Ивица Келешовски, Давид Наумовски, Игор Клечкаровски, Цветан Глигоровски, Рочи Валдрим. Во моментот во Караорман, кој пред пет дена ги започна подготовките за новата сезона, тренираат десетина нови фудбалери од Скопје, Битола, Штип и Прилеп, нивните квалитети се под будното око на новиот тренер Блажевски и спортскиот директор Игор Митревски, кои ќе имаат последен збор со кои од нив ќе бидат потпишани договори. Караорман смета и на некои играчи на Струга Трим Љум, кој сигурно со некои играчи на позајмица ќе му помогне на Караорман за новата сезона.
М. Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА