МЗТ Скопје се наоѓаше пред потпис на нов договор со Ѓорѓи Кочов, но одолговлекувањето на завршната фаза од преговорите е знак дека „металците“ во меѓувреме разговараат и со други стратези. Јавна тајна е дека директорот Грнчаров имал разговори со Марјан Србиновски, кој сепак реши да остане во Гостивар, а најнова опција за актуелниот првак на Македонија е Драган „Гаги“ Николиќ.
Најавите дека аеродромци речиси сигурно ќе добијат виза за влез во елитното друштво од АБА-лигата очигледно ги зголемува апетитите на управата на „сино-белите“. Првичниот контакт со српскиот стратег е веќе остварен, а се очекува во наредните денови преговорите да се интензивираат, по што ќе стане јасно дали Николиќ ќе седне на клупата на „металците“.
Српскиот стратег е познат на македонската спортска јавност по успешната авантура како предводник на Карпош Соколи. Николиќ тогаш дојде по катастрофалниот старт на сезоната на македонскиот клуб и помогна да се обезбеди опстанок во АБА-лигата. Воедно, тој со „соколите“ стигна до трофејот во Купот на Македонија, во финалето совладувајќи го тимот на Фени индустри, додека во првенството во финалето од плејофот ја загуби „мајсторката“ од МЗТ Скопје.
Николиќ потоа имаше ангажман во полскиот прволигаш Кожалин, извесно време седеше и на клупата на Игокеа, а многу лесно може да се случи летово тој да се врати на македонската кошаркарска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА