ДРАМА: Алкалоид е во финалето, херојот Галевски го елиминираше Вардар

Алкалоид продолжи да испишува историја откако актуелниот вицепрвак на Македонија славеше над Вардар со 25-24, за пласман во прво куп-финале на „сино-белите“ од Автокоманда. Полуфиналната пресметка беше израмнета и суперинтересна од почеток до крај, а победникот беше решен буквално во последната секунда, кога Вардар имаше пенал за израмнување, но Галевски го запре седмерецот на Срдановиќ и го одведе Алкалоид во големото финале.

Почетокот на ова интересно полуфинале мина во ефикасна игра на двете страни, а Вардар беше тимот што прв успеа да се одлепи, поведувајќи со 4-6 и со 5-7. Алкалоид успеа да ја консолидира одбраната, следеа и неколку погодоци во серија на спротивната страна го сврте резултатот во своја полза (8-7). Следеше нов период на израмнета игра „гол за гол“, за избраниците на Кире Лазаров пред крајот на полувремето за првпат да дојдат и до два гола предност (14-12). Вардар преку Петриќ намали на 14-13, потоа имаше и напад за израмнување, но „вардарци“ не се снајдоа најдобро, а Алкалоид го казни тоа и со гол на Бинго од полуконтра замина на одмор со два гола позитива (15-13).

Второто полувреме почна со неколку одлични интервенции на Мартин Томовски, Алкалоид повеќе од шест минути беше без постигнат погодок, а Вардар знаеше како да го искористи тоа и да поведе со 15-16. Бравурозното издание на Томовски продолжи со одбранет пенал, веднаш потоа и зицер на Серафимов, пред Симоновски од пивот да ја прекине мини-серијата на Вардар, израмнувајќи на 16-16 во 38. минута. Лазаревски даде гол и изнуди исклучување, но Алкалоид и со играч помалку успеа да ја затресе мрежата на Томовски, играјќи гол за гол и одржувајќи минимално водство.

„Вардарци“ стануваа се понервозни на судиските одлуки, па Јагуриновски беше исклучен поради бурна реакција, по што Бинго повторно го врати Алкалоид на „плус два“ (21-19). Недановски зеде тајмаут, по што Петриќ веднаш стрелаше прецизно и ја преполови негативата на Вардар. „Сино-белите“ сепак имаа одговор, па преку расположениот Симоновски од пенал стигна и до три гола предност (24-21), за првпат на овој натпревар. Вардар заигра во поагресивна зона во одбраната, набрзина намали на 24-23, а потоа и не реализираше напад за израмнување.

Во најлош момент за „вардарци“ исклучен беше Милан Лазаревски, по што Симоновски даде гол,а  веќе во следниот напад незгодна повреда на скочниот зглоб заработи Гоце Георгиевски, газејќи го на ногата Бинго кој доби заслужено исклучување. Младиот Галевски блесна запирајќи го пеналот на Срдановиќ, во следниот напад „вардарци“ не успеаја да стрелаат прецизно во празната мрежа на противникот, па во последните две и пол минути се влезе со водство на Алкалоид од 25-23.

Томовски го запре обидот на Серафимов, по што Јасухира со својот петти гол намали на 25-24, по што Лазаров побара тајмаут на 45 секунди до крајот, при водство на својот тим од еден гол разлика. Повторно Серафимов презеде одговорност и повторно Томовски го запре десниот бек на Алкалоид, по што Вардар доби напад за израмнување на 14 секунди до крајот, за што Недановски го побара својот последен тајмаут. Јасухира презеде одговорност и успеа да изнуди седмерец, но Галевски го запре последниот седмерец на Срдановиќ, за конечни 25-24.

Галевски со три одбранети пенали беше меѓу најдобрите поединци на натпревар, во нападот најефикасни кај Алкалоид беа Серафимов со седум и Бинго со шест погодоци, додека најдобри стрелци кај Вардар во вечерашниот пораз беа Лазаревски со шест и Срдановски и Јасухира со по пет гола.

Се вчитува...