Алкалоид и Бутел одиграа извонреден меч во полуфиналето од групната фаза од Купот на Македонија, во кој ракометарите на Алкалоид по голема драма славеа со 25-24 над скопскиот ривал. Херој беше репрезентативецот Мартин Серафимов, кој го псотигна победничкиот гол, и тоа од цепелин на асистенција на Иван Џонов, на две секунди до крајот, за огромна радост на домашните фанови во салата „Автокоманда“.
Сите 60 минути минаа во апсолутно израмнета игра, во која двете екипи се менуваа во предност, но ниту една не изгради некое посериозно водство. Бутелци го одиграа второто полувреме без Николов, кој имаше четири погодоци пред да биде исклучен со црвен картон поради еден груб старт врз Митев пред самиот крај на првиот дел. Вторите 30 минути минаа во тактичко надмудрување, Бутел ја имаше меч-топката, но Манасков шутираше силно во гредата, оставајќи им на домаќините девет секунди за последен напад.
Лазаров побара тајмаут, а потоа следеше беспрекорна акција, Џонов фрли цепелин, а Серафимов скокна на шест метри и биеше во мрежата на „бутелци“, за голема победа на Алкалоид.
Херојот Серафимов со осум гола беше најефикасен на натпреварот, по три за Алкалоид постигнаа Џонов, Стојковиќ и Савревски, додека најефикасни кај Бутел беа Мајиќ со пет и Николов со четири погодоци.
Ривал на Алкалоид во финалето од групата ќе биде Вардар Неготино, тим што попладнево по голема борба славеше над Прилеп со минимални 29-28.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА