Јувентус претрпе нов пораз во Калчо-лигата, губејќи со 2-1 од Џенова со пенал длабоко во судиското продолжение. „Црно-белите“ прокоцкаа водство од 1-0 што го имаа до 87. минута, во нов меч на кој можеа да се увидат бројни слабости во играта на „старата дама“. Џенова заслужува само комплименти за пристапот и карактерот, да не се откаже до самиот крај и да стигне до триумф со кој останува во игра за опстанок во елитата.
По потпросечното прво полувреме, Јуве поведе на самиот старт од вториот дел, откако Дибала биеше прецизно од работ на шеснаесетникот. Џенова се отвори и успеа да израмни во 87. минута преку Гудмундсон, а домаќините имаа за што да жалат со оглед на промашената шанса во 90. минута по големата грешка на Рабио пред сопствениот гол.
Во неверојатна завршница, Моисе Кеан имаше зицер да донесе триумф на Јувентус, но италијанскиот репрезентативец се посрамоти промашувајќи празен гол. Казната стигна кога беше досуден пенал во 95. минута, за една минута подоцна капитенот Кришито да бие прецизно во мрежата на Шчесни, за огромен триумф со кој Џенова останува во игра во борбата за опстанок.
Џенова сега има 28 бода, еден помалку (но и меч повеќе) од Салернитана, која е прва над линијата на табелата во борбата за опстанок во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА