Светскиот шампион Аргентина се спасуваше од поразот на стартот од настапот на ОИ во Париз откако „гаучосите“ по голема борба едвај стигнаа до реми од 2-2 против Мароко. Африканските фудбалери имаат за што да жалат ако се знае дека долго време водеа со 0-2, а останаа без два бода по гол примен во 15. минута од судиското продолжение во второтополувреме.
Мароканецот Рахими беше главна ѕвезда на овој натпревар, отворајќи го резултатот во самиот финиш од првото полувреме на асистенција на Ашраф Хакими, пред истиот играч да зголеми и на 0-2, овојпат со прецизно изведен пенал. Аргентинците успеаја најпрвин да намалат преку Џулијано Симеоне за 1-2, за во неверојатен финиш буквално во последната акција на мечот во 105. минута да стигнат и до израмнување преку Медина, кој конечно успеа да ја смести топката во мрежата откако таа два пати завршуваше во рамките од голот на Мароко.
Шпанија многу потешко од очекувањата стигна до почетна победа над аутсајдерот Узбекистан, дуел што „црвената фурија“ го доби со минимални 2-1. Пубил го отвори резултатот во корист на Шпанија по 29 минути игра, но Узбекистан успеа да израмни пред самиот крај на полувремето со пеналот што умешно го реализираше Шомуродов.
Во 59. минута беше досуден и пенал за Шпанија, но Серхио Гомез не успеа да го совлада противничкиот голман со својот удар од белата точка. Гомез сепак од трагичар се претвори во херој откако три минути подоцна реагираше многу подобро, успевајќи да го постигне победничкиот гол за победа од 2-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА