Супер-интересен беше вечерашниот дуел меѓу Швајцарија и Србија што по голема битка заврши со израмнети 1-1, исход што целосно им одговара на српските фудбалери кои со овој резултат обезбедија опстанок во А-дивизијата. Србија ги имаше најсериозните шанси, при 0-0 не реализираше пенал преку Митровиќ, па беше казнета кога Амдуни од петнаесетина метри постигна прекрасен погодок за Швајцарија. Сепак, „златниот“ гол за нашиот северен сосед го постигна Алекса Терзиќ, од контранапад на асистенција на Влаховиќ, за конечни 1-1, исход што ги сели Швајцарците во Б-дивизијата од Лигата на Нации каде од следниот циклус ќе се наоѓа и Македонија.
Неизвесно беше и во Глазгов, каде Шкотска по голема битка ја совлада Хрватска со 1-0 со голот што го постигна Мекгин во 86. минута. Хрватите цело второ полувреме го играа со фудбалер помалку по исклучувањето во финишот од првиот дел на Сучиќ, долго одолеваа на нападите на домашната селекција, но на крајот сепак претрпеа пораз. Шкотска по овој триумф има четири бода, исто колку и Полска, па овие две селекции во меѓусебна пресметка во последното коло ќе решаваат која ќе опстане, а која ќе се пресели во Б-дивизијата.
Хрватите пак ги очекува дуел со Португалија која секако е првопласирана во групата, а селекторот Далиќ покрај на поцрвенетиот Сучиќ нема да може да смета ниту на капитенот Лука Модриќ, кој доби жолт картон што ќе значи и автоматска суспензија за дуелот во Сплит.
Бугарија како гостин го совлада Луксембург со 0-1 со погодокот на Краев во 23. минута, додека Северна Ирска на домашен терен славеше над Белорусија со 2-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА