Драма во „Автокоманда“: Мулти Есенс израмни со цепелин, Пролет победи со звукот на сирената

Супердраматичен беше денешниот натпревар меѓу Мулти Есенс и Пролет на кој гостите по огромна борба славеа со минимални 31-32, и тоа со гол постигнат буквално со звукот на сирената од страна на пивотот Филип Арсеновски. Александар Јовиќ имаше победничко деби на клупата на Пролет, но на овој стручњак дефинитивно му е јасно дека мора да има значаен напредок во наредните натпревари на скопскиот суперлигаш.

Пролет тргна фуриозно во мечот, по нецели седум минути поведе со 2-5, но раниот тајмаут на Иван Марковски го разбуди младиот домашен состав, кој набрзина се врати резултатски во натпреварот (8-8). Првото водство Мулти Есенс го имаше при 11-10, Пролет одговори со три гола во низа, но финишот од полувремето мина во знакот на домаќините, кои на одмор заминаа со водство од 17-16.

Пролет заигра подобро во одбраната на стартот од второто полувреме, поведе со 18-20, но повторно влезе во низа грешки што домаќините знаеја да ги искористат и до крајот на мечот се играше максимално израмнето. Јовиќ побара тајмаут при 26-26, но по една чудна судиска одлука не беше санкциониран фаул над Арсеновски, по што Мулти Есенс со нов гол од контранапад поведе со 27-26. На четири минути до крајот Пролет поведе со 29-30 со голот на Палевски, а истиот ракомет погоди и од пенал на 40 секунди до крајот за 30-31. Тоа беше почеток на супервозбудливата последна минута во која Мулти Есенс изведе извонреден цепелин и израмни на 31-31 на пет-шест секунди до крајот, но Пролет експресно тргна во напад и со голот од центар на Арсеновски стигна до триумф.

Арсеновски ги предводеше стрелците на Пролет со осум гола, шест постигна искусниот Доне Мајнов, додека кај Мулти Есенс најефикасни беа Димовски со седум и Јорданов и Димевски со по шест погодоци.

Се вчитува...