Гостивар се враќа на голема врата во трката за пласман во плејофот откако овој тим славеше како гостин против лидерот Пелистер со 71-72. Гостиварци одиграа одличен меч, го издржаа притисокот откако прокоцкаа „плус 15“ во третата четвртина, па во неизвесен финиш успеаја да стигнат до огромна победа. Виктор Ефремовски беше херојот, постигнувајќи тројка со помош на таблата на десетина секунди до крајот.
Првата четвртина мина во силно темпо во кое добро се снајдоа двете екипи, а Пелистер ги доби овие почетни десет минути со 21-17. Кесар погоди на почетокот од втората четвртина за водство од 23-17, по што битолчани влегоа во огромна криза, осум минути не успевајќи да постигнат ниту еден единствен поен. Гостиварци во овој период направија серија од 19-0, го свртеа резултатот во своја полза и предводени од Силаѓи (18 поени во првото полувреме) на одмор заминаа со водство од убедливи 25-40.
Пелистер се врати на теренот со сосема поинаква енергија во второто полувреме, во кое битолчани заиграа агресивно во одбраната, изнудија неколку загубени топки и за две минути направија серија од 9-0. Ваквиот пристап им ја врати и самодовербата во нападот, па избраниците на Марјан Илиевски целосно се вратија во мечот, со забивањето од контранапад на Ѓуроски израмнија на 47-47 и за момент имаа и минимално водство.
Возбудувањата продолжија и во последната четвртина, во која Гостивар отвори далеку подобро, за момент поведувајќи и со седум поени предност (52-59). Крстајиќ ги постигна своите први поени за да го разбуди Пелистер во вистински момент, Димитриевски донесе „плус три“ за Гостивар во финишот, но Малешевиќ погоди тројка и го врати мечот во егал. Кесар реализираше од слободни фрлања за „плус два“ за „пелистерци“ на помалку од минута до крајот, домаќините имаа и напад за да стават печат на победата, но Малешевиќ не реализираше, по што казната стигна на спротивната страна, Ефремовски погоди тројка од табла за водство на Гостивар од 71-72 на дванаесет секунди до крајот.
Илиевски зеде тајмаут, последниот напад заврши кај Малешевиќ, но српскиот интернационалец не се снајде најдобро, загуби чекор кога беше најважно и Пелистер остана без триумф, додека гостиварци стигнаа до победа што може да се покаже многу значајна за освојување на место кое води во плејофот.
Силаџи беше извонреден за Гостивар постигнувајќи 31 поен против својот поранешен клуб, Димитриевски реализираше 13, а Ренсом 10 поени за победничкиот тим. Во таборот на Пелистер најефикасен беше Малешевиќ со 21 поен, Стајиќ постигна 18, а далеку под своето ниво беше центарот Кесар, кој реализираше 10 поени со слаб шут од поле 3/14.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА