Драма во Чаир со хепиенд за Пелистер (фотогалерија)

Пелистер врза две значајни победи од стартот на вториот дел од сезоната откако „зелено-белите“ по голема битка славеа на гостувањето против Чаир со резултат 99-107, и тоа по продолжение од пет минути. Домашниот тим влезе во мечот со пет победи на последните шест дуели, минатиот викенд стигна до голема победа во Куманово, но Пелистер вечерва беше подобар ривал во салата „Шабан Трстена“ и заслужено стигна до победата. Чаир заслужува честитки за карактерот и камбекот по „минус 12“ на три минути до крајот, но Пелистер ги имаше расположените Џенкинс и Стајиќ во дополнителните пет минути и заслужено славеше.

Беспрекорниот напад беше заштитен знак на „пелистерци“ кои постигнаа 30 поени во првата четвртина и го завршија овој дел од мечот со 25-30. Чаир целосно парираше во вториот период, на одмор се замина со 44-49, а потоа домашниот тим во третиот период ја намали негативата на само два поени (65-67).

Пелистер влезе во шутерско шоу во последната четвртина, тројки погодија Стојановски, Стајиќ и Малешевиќ, па предноста набрзина скокна на 71-81. „Зелено-белите“ имаа и плус 12 (73-85 на три минути до крајот), но дојде до огромен пад во нивната игра во последните две минути, промашија и четири слободни фрлања во низа, па Чаир експресно се врати, намалувајќи на 88-89 на 45 секунди до крајот. Пелистер имаше 88-91 по слободните фрлања на Стајиќ, но Ибраими погоди тројка и го одведе мечот во продолжение.

Пелистер поведе со 91-94, Чаир возврати со серија од пет поени, но следеа тројки на Џенкинс и на Стајиќ (од табла) за 96-100 за Пелистер. Следеше нова тројка на Џенкинс, потоа и уште четири поени на Стајиќ, за конечни 99-107 во корист на гостите од Битола.

Стајиќ одигра одличен меч со 25 поени и 9 асистенции, расположен беше и Малешевиќ со 22 поени, 6 скока и 7 асистенции, додека најефикасен кај Чаир беше Билингсли со 29 поени.

Се вчитува...