Вистинска драма се случувала во домот на англискиот репрезентативец Џек Грилиш во средата вечер додека тој го играше својот меч за Манчестер Сити на гостувањето против Евертон.
Група крадци влегла во луксузната куќа на англискиот фудбалер и тоа во време додека десетина членови на неговата фамилија заеднички го следеле натпреварот со Евертон. Ограбувачите мирно си „работеле“ низ семејниот дом на Грилиш на крај заминувајќи со богат плен.
Како што пренесува „Сан“, додека вереницата и други роднини на Грилиш на приземјето навивале за Сити, на горните катови оперирале крадците кои ограбиле накит и часовници во вредност од околу еден милион фунти.
Откако присутните во домот сфатиле дека има натрапници, го активирале „паничното копче“, полицијата веднаш испратила и хеликоптер стравувајќи од заложничка криза, но не успеале да ги пронајдат крадците кои избегале.
При инцидентот, за среќа нема повредени, но предизвикал голем стрес кај членови на фамилијата, кои првпат биле на гости во новиот луксузен дом на Грилиш во Чешир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА