Франција е освојувач на одбојкарската Лига на Нации, откако во денешното големо финале во Болоња славеше над селекцијата на САД со 3-2 во сетови. Французите прокоцкаа водство од 2-0 и му дозволија на противникот да се врати, но беа на висина на задачата во клучните моменти од финалето, успевајќи да се закитат со златниот медал.
Финалето почна со неочекувана француска доминација, откако „триколорите“ за само 50 минути игра стигнаа до предност од 2-0 во сетови. Француските одбојкари делуваа незапирливо, сетовите добивајќи ги уште во раните фази, дозволувајќи му на противникот 16 поени во првиот и 19 во вториот дел од мечот.
Американците не само што немаа намера да се предадат без борба, туку успеаја да возвратат на идентичен начин. Одбојкарите на САД го добија првиот сет со 25-15, а во четвртиот наидоа на нешто посериозен отпор, но сепак триумфираа со 25-21, водејќи го големото финале во тајбрејк.
Бризар имаше неверојатна серија на сервиси, носејќи водство на Франција од 7-2 (од 1-2 за САД), но Американците успеаја да ја вратат неизвесноста, намалувајќи на 11-9. „Галските петли“ сепак го издржаа завршниот притисок и го добија тајбрејкот со резултат 15-10, за освојување на пехарот од Лигата на Нации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА