Драма во финишот – Прилеп остана единствен „перфектен“ во плејаутот

Екипата на Прилеп е единствената што остана непоразена во плејаут натпреварувањето од ракометниот шампионат откако на гостински терен го совлада Пролет со резултат 29-30. Двата тима влегоа со перфектни 3-0 од почетокот на плејаутот, но прилепчани излегоа како победници од денешниот дуел во салата „Македонско сонце“ во Скопје, зацврстувајќи се на првото место.Финишот беше супердраматичен, откако голманот Ангелески одбрани пенал во последната секунда и му ја донесе победата на Прилеп.

Дуелот почна со подобра игра на гостите кои набрзина поведоа со 0-3, потоа и со 1-4 и 4-7, но Пролет се врати, за момент имаше и два гола предност, за на крајот на одмор да се замине со израмнети 15-15. Капитенот Ласко Андоновски постигна два гола за нецела минута и донесе предност од 17-15 за домаќините на самиот старт од второто полувреме, но гостите успеаја да го свртат резултатот во своја полза.

Прилеп имаше 24-27, Пролет дојде до 26-27 и не реализираше напад за израмнување, по што гостите постигнаа два нови гола во серија. Гостинскиот тим имаше 27-30, но тоа не беше крај на возбудувањата, Пролет најпрвин намали на 29-30, а потоа домашниот тим доби пенал во последната секунда. Стоилевски ја презеде одговорноста, но голманот Ангелески го запре неговиот удар и Прилеп стигна до голема победа.

Херојот Ангелески го заврши мечот со 14 интервенции, најефикасен во победничкиот тим беше Шипинкоски со седум погодоци, исто толку на спротивната страна имаа Стоилевски и Андоновски.

Се вчитува...