Драма во Хрватска: Голман се струполи на теренот, со хеликоптер го носеа во болница

На фудбалскиот терен во Загорје, Хрватска, се случи драматична сцена која целосно го засени натпреварот помеѓу Стража и Загорец ВТ. Во центарот на вниманието беше голманот Антонио Хржина, кој се здоби со тешка повреда и беше итно префрлен во болница.

Хржина влезе во игра во 15-тата минута како замена за повредениот Карл Селјан, но набрзо се најде во неволја. По силниот судир со Иван Бенко, голманот остана на теренот и веднаш беше јасно дека ситуацијата не е безопасна.

На почетокот се чинеше дека ќе може да го продолжи натпреварот, па дури и сигнализираше дека е подготвен да игра, но само неколку минути подоцна следеше шок – се струполи на теренот.

Меѓу играчите и гледачите владееше целосна паника, а медицинскиот тим реагираше во најкраток можен рок. Поради сериозноста на повредата, набрзо на терен пристигнала брза помош, а потоа бил повикан хеликоптер за да го транспортира Хржина во Загреб за понатамошно лекување.

Според првичните информации, голманот доживеал потрес на мозокот, но е во стабилна состојба.

Се вчитува...