Српската кошаркарска репрезентација се навикна на драматични победи, па по триумфот над Грција во Белград по продолженија, избраниците на Пешиќ вечерва по голема драма ја совладаа Турција со 72-79. Турците успеаја да се вратат од негатива од 20 поени, во последните две минути се влезе во егал завршница, но трагичар на домашниот состав беше Џеди Осман.
Победата требаше многу порано да биде осигурана ако се знае дека Србите предводени од одличниот Јокиќ доминираа од самиот почеток, на одмор заминувајќи со убедливи 28-47. Србија имаше и „плус дваесет“ во третата четвртина, но тогаш селекторот Пешиќ почна да експериментира со составот, ги повлече најдобрите кошаркари од игра, по што водството на неговиот тим експресно се стопи. Токму Осман беше најзаслужен што Турците се вратија во натпреварот, но охриѓанецот немаше нерви во клучните моменти.
Имено, при резултат 72-72 Турција имаше топка на две минути до крајот, кога Осман во следните два напади направи две очигледни лични грешки во нападот, туркајќи ги играчите што беа задолжени да го чуваат. Србија знаеше како да го искористи тоа, преку Калиниќ и Јокиќ повторно се одлепи и на крајот стигна до заслужена победа со која останува во игра за пласман на претстојниот кошаркарски мундијал.
Јокиќ беше главен играч и на овој натпревар на Србија, остварувајќи дабл-дабл од 24 поени и 10 скокови, додека по 14 поени за победничката селекција реализираа Гудуриќ и Калиниќ. Најефикасни во редовите на Турција беа Осман со 22 и Коркмаз со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

