Драма во „Кале“: Чаир се врати од „мртвите“ и му го нанесе првиот пораз на ТФТ

Кошаркарите на Чаир направија вистински подвиг откако вечерва по голема битка славеа на гостувањето против ТФТ со резултат 92-94, и тоа по продолжение до пет минути. Гостите беа на работ на пораз, со тројка на една секунда до крајот го одведоа мечот во дополнителни пет минути во кои одиграа поефикасно од шокираниот домаќин и на крајот се радуваа на својата шеста победа во седмиот овосезонски натпревар.

ТФТ има за што да жали ако се знае дека избраниците на Боро Смилковски перфектни влегоа во овој натпревар, почнувајќи фуриозно и поведувајќи со 22-11 во првата четвртина. Удобното водство беше задржано до крајот на полувремето, на одмор се замина со 44-31, но Чаир значително ја подобри одбраната во вторите 20 минути. Како што одминуваше последната четвртина така предноста на ТФТ се топеше, Чаир дури и поведе со 78-79, но Стојаноски веднаш го врати домашниот тим во водство. Истиот играч погоди две лободни фрлања за 82-79 на 12 секунди до крајот, но Ролинс погоди тројка во финишот за Чаир и го одведе мечот во продолжение. Американците на Чаир беа поумешни во дополнителните пет минути, ТФТ веќе ја немаше посакуваната ефикасност во нападот, па овој супердраматичен дуел заврши со триумф на гостите од 92-94.

Ролинс со 28 и Кирк со 24 поени беа најефикасни кај Чаир, додека Мофит оствари дабл-дабл од 21 поен, 10 скокови, надополнети со четири асистенции и две украдени топки. Кај ТФТ најдобри поединци во денешниот пораз беа Говенс со 31 и Гринсли со 13 поени.

Се вчитува...