Ракометарите на Вардар во драматичен натпревар со пеколен финиш триумфираа со 25-27 на гостувањето против Охрид во шестиот натпревар од плејофот во Суперлигата на Македонија.
Низ максимално израмнет натпревар, пресуди поагресивната одбрана на „вардарци“ во последните пет минути од мечот за заслужена победа. Со овој триумф Вардар се израмни со по четири победи на делба на втората позиција, заедно со Охрид, Алкалоид и Тиквеш.
Охриѓани на полувремето заминаа со предност од 12-11, па во ист израмнет ритам продолжи и вториот дел на натпреварот.
Се до 45. минута од натпреварот Охрид постојано имаше предност од еден гол (18-17), а потоа следеше мини-пресврт на црвено-црните кои дојдоа до водство и на девет минути до крајот имаа 20-21. Следеше огромен пад во играта на домашните и Вардар во само две минути дојде и до 20-24, за да потоа нова серија на Охрид од 3-0 и 23-24 на пет минути до крајот на мечот.
Но, тоа беше се од домашните кои немаа сила за комплетен пресврт па на крај Вардар ја однесе победата од 25-27.
Хансер Родригез со 10 гола го водеше Вардар до победата, а шест постигна Дарко Ѓукиќ. Гал Цицар со пет постигнати гола беше најефикасен кај Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА