Будуќност се избори за мајсторка во полуфиналето од АБА-лигата откако црногорскиот првак славеше на денешниот втор меч со Партизан со минимални 72-71. Искусниот Владимир Мицов беше херојот на Будуќност на оваа средба, постигнувајќи ја тројката за победа на 3,9 секунди до крајот.
Црногорците го контролираа резултатот во голем дел од натпреварот, а по фуриозниот финиш на полувремето на одмор заминаа со единаесет поени предност (38-27). Партизан долго време се мачеше во нападот, но во последните три-четири минути во ритам влезе Ледеј, кој реализираше осум поени во низа и ги врати целосно „црно-белите“ во мечот. Обрадовиќ зеде тајмаут при 69-69, топката ја зеде Мур и реализираше за водство на Партизан, но на спротивната страна Мицов беше прецизен, за воодушевување на црногорските фанови во „Морача“.
Поповиќ и Пери со по 15 поени беа најефикасни во победничкиот тим, кај Партизан најдобар играч беше Ледеј со 27 поени, а целосно разочаран Пантер, кој не постигна ниту еден единствен поен со шут од поле 0/7.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА