Рома победи во фото-финиш на збогувањето на Франческо Тоти. Принцот на Рим влезе во второто полувреме, а Рома успеа да слави со 3-2 против Џенова со гол во 90.минута од средбата. Со овие три бода „волчицата“ го освои второто место на табелата, за еден бод пред Наполи, кој исто така славеше со 2-4 на гостувањето против Сампдорија.
Фановите на Рома долго време го чекаа мечот на кој нивната икона Франческо Тоти ќе се прости од дресот на својот клуб. Но, не ни помислуваа дека Џенова, која дојде толку ослабена и подмладена, без Пандев и неколку други искусни фудбалери, ќе даде толку силен отпор.
Младиот Пелегри уште во третата минута го шокираше „Олимпико“, но седум минути подоцна израмни Един Џеко. Де Роси донесе предност во 74.минута, но пет минути подоцна Лазовиќ израмни на 2-2.
Рома се мачеше да стигне до триумф буквално до крајот. А тогаш Диего Пероти во 90.минута постигна погодок за големо славје.
Наполи многу полесно триумфираше над Сампдорија со 2-4. Мертенс и Инсиње донесоа предност од 0-2 до полувремето, Хамшик постигна трет гол на стартот од вториот дел, а Квалјарела намали во 50.минута, Сепак, Калјехон зголеми на 1-4 во 65.минута, а во финишот Алварез го постави конечниот резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА