Манчестер Сити остана единствен тим со максимален ефект по првите три кола од Пермиер-лигата откако „граѓаните“ попладнево многу потешко од очекувањата го скршијата отпорот на Шефилд Јунајтед, едвај славејќи со 1-2. Родри беше херојот на актуелниот англиски првак, откако шпанскиот репрезентативец го постигна победничкиот гол во 89. минута од овој драмтичен дуел.
Ерлинг Халанд беше трагичар во првото полувреме откако најдобриот стрелец на Сити промаши пенал стрелајќи во дирекот наместо во мрежата. Норвежанецот се извади за промашувањето кога на асистенција на Грилиш биеше прецизно со глава за водство од 0-1, но одбраната на Сити потклекна во финишот откако по големата грешка на Кајл Вокер домаќините успеаја да израмнат преку Богл.
Нивната радост траеше само три минути, гостите тргнаа во целосна офанзива, најпрвин Алварез промаши стопроцентна шанса, по што Родри одлично се снајде и со прецизен удар од десетина метри донесе огромни три бода.
Астон Вила забележа уште една победа, втора сезонава откако како гостин славеше над Барнли со 1-3. Десниот бек Кеш неочекувано ги постигна првите два гола за Вила, третиот беше дело на Дијаби, додека единствениот погодок за Барнли го постигна Фостер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

