Вистинско фијаско доживеа обидот нигерискиот напаѓач Виктор Осимен да заврши во редовите на лондонски Челси. Откако најпрво ги договори личните услови за трансфер во Ал Ахли но самиот го стопираше трансферот во последен момент нудејќи се на Челси, остана изигран од лондонскиот клуб.
Низ драматичните денови во кои се решаваше неговата идна кариера, Осимен се откажа од огромна сума самиот нудејќи се на Челси, но на крај Англичаните не успеаја синоќа да дојдат до неговиот потпис.
Како што информираат Италијанците, Наполи ја одбил последната понуда од Челси која била и крајно потценувачка. Англичаните понудиле само 4 милиони евра фиксна плата и уште 4 милиони во вид на бонуси, што е повеќе од двојно помалку од тоа што во моментов го заработува во Наполи.
Поради некоректната понуда, на крајот целата операција пропаднала и била откажана на еден час пред полноќ. По сето тоа, малку веројатно е дека и Ал Ахли повторно ќе се вклучи со нова понуда, и покрај тоа што за трансфер во Саудиска Арабија има можност и во следните три дена.
На крај, можно е Осимен и да остане во Наполи но јасно е дека ќе биде најголемиот губитник затоа што се нарушени неговите односи со Антонио Конте, кој најави дека сигурно по оваа сага нема намера да смета на Нигериецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА